Копнените, поморските и воздушните напади на Израел врз Појасот Газа, кои следеа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, предизвикаа уништување во областа каква што досега не е видена, јавија западните агенции.
Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања во нападите врз Газа, најмалку 45 отсто од станбените згради биле уништени или оштетени.
Се проценува дека се уништени повеќе од 40.000 домови, а оштетени се уште 222.000 домови.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, оштетени се 279 образовни објекти, што е повеќе од 51 отсто од вкупниот број образовни објекти во Појасот Газа. Поради нападот на израелските сили, ниту еден од 625.000 ученици и студенти не можеше да се образува во нормални услови. Истовремено, повеќе од половина од болниците и речиси две третини од здравствените домови не работат, а оштетени се 53 амбулантни возила.
Сите 13 болници лоцирани во градот Газа и на северот на Појасот добија наредба за итна евакуација од израелската армија. Канцеларијата на ОН истакнува дека потрошувачката на вода е намалена за 90 отсто од почетокот на војната и додава дека се забележани големи протекувања од главниот цевковод меѓу Кан Јунис и египетскиот град Рафа. (МИА)