Нашиот познат онколог д-р Милан Ристески деновиве во јавноста се огласи со коментар за една бактерија, која може да се најде и како попопуларен суплемент корисен во терапиите за лекување рак. Станува збор за т.н. фармацевтски пробиотик, маркер на метаболистичкото здравје и потенцијален модулатор на имунотерапијата.
„Akkermansia Muciniphila (акермансија муцинифила) е цревна бактерија, која ја зголемува ефикасноста на имунотерапијата против рак, особено на инхибиторите на имунолошките контролни точки (анти-PD-1/PD-L1), преку модулирање на имунолошкиот систем, зголемување на инфилтрацијата на CD8+ Т-клетките и намалување на воспалението. Повисоките нивоа на оваа бактерија корелираат со подобри одговори на третманот кај разни видови рак“, вели д-р Ристески појаснувајќи дека акермансија муцинифила ја подобрува анти-LD-1 терапијата со зголемување на регрутирањето на CCR9+ CXCR3+ CD4+ Т лимфоцити во туморската микросредина преку производство на IL-12: „Пациентите со поголема застапеност на акермансија во нивниот цревен микробиом покажуваат супериорни, потрајни одговори на имунотерапија за неситноклеточен карцином на белите дробови (NSCLC), карцином на бубрежните клетки (RCC) и уротелијален карцином. Оралната суплементација со акермансиjа покажа дека ја обновува ефикасноста на имунотерапијата кај пациенти што претходно не реагирале на терапијата“.
Тој нагласува дека има студии што покажале дека и живата акермансија и нејзината пастеризирана (неактивна) форма можаеда го зајакнат антитуморскиот имунитет.
„Присуството на акермансиjа во цревата може да послужи како предикативен биомаркер за одредување кои пациенти имаат поголема веројатност да имаат корист од инхибиторите на имунолошките контролни точки. Во тек се истражувања за комбинирање суплементација со акермансија (преку диета, пребиотици или пробиотици) со имунотерапија за подобрување на стапките на преживување“, тврди д-р Ристески посочувајќи и на студијата.
За што всушност, станува збор?
Во 2004 година холандска истражувачка група предводена од микробиологот Willem M. de Vos ја изолирала и опишала новата изолирана бактерија од човечкиот измет и ја именувале како акермансија муцинифила. Нивните сознанија биле дека станува збор за анаеробна бактерија, која се храни со муцин (слуз од цревната слузница), а е присутна кај 7080 отсто од здравите возрасни луѓе. Изненадувањето било што оваа бактерија која јаде муцин, не ја оштетува бариерата, туку ја стимулира нејзината обнова.
Во периодот меѓу 2008 и 2013 почнуваат студии кај глувци и луѓе, што покажуваат дека повисоко ниво на акермансија е поврзано со помала телесна тежина, подобра инсулинска чувствителност и помалку метаболистичко воспаление. Што ќе рече, кај глувците со прекумерна дебелина давањето акермансија довело до намалување на масното ткиво, подобрување на гликемијата, намалување на воспаленијата. Бактеријата е речиси прогласена за метаболистички заштитник.
По само две години, научниците ја сфаќаат и нејзината позитивна улога во имунотерапијата и кај болните од рак. Клучната пресвртница се случува во 2018 година кога една студија покажува дека пациенти со повисоко ниво на акермансија имаат подобар одговор на имунотерапија кај ракот на белите дробови, меланомот и ракот на бубрегот. Следната година, со клиничка студија кај луѓе со метаболистички синдром, се открива дека пастеризирана (нежива) акермансија има подобар ефект од живата форма.
По 2020 година, истражувањата покажуваат дека акермансијата активира дендритни клетки (специјализирани имунолошки клетки), го зголемува бројот на CD8+ Т-клетки, ја зајакнува цревната бариера, го намалува системското воспаление… Во овој период се истражува и нејзината потенцијална улога кај замастен црн дроб, невродегенеративни болести, стареење…
Во последно време се развиваат фармацевтски форми на пастеризирана акермансија, се тестира како адјувант (поддршка) на имунотерапијата, а се истражува и нејзината улога во персонализираната медицина.
Меѓутоа, бидејќи станува збор за прилично скап суплемент (во зависност од брендот, нејзината цена за еден месец е од педесет евра, па нагоре), нејзиното присуство во организмот може да се зголеми и преку исхрана, т.е. со вклучување во дневното мени овес, ленено семе, кромид и лук, праз, аспарагус, боровинки, калинка, зелен чај, маслиново масло, кефир, јогурт, кисела зелка…, кои истовремено го поддржуваат и растот на bifidobacterium, lactobacillus… Доколку, пак, пациентот е на хемотерапија, има намален имунитет или има гастроинтестинални проблеми, задолжителна е консултација со онколог пред земање какви било пр(е)обиотици.
Накусо, од неочекувано откритие во 2004 година, акермансија муцинифила за две децении прерасна во една од најистражуваните бактерии на човечкиот микробиом. Сепак, таа сè уште не е стандардна терапија, не е вклучена во официјалните онколошки протоколи, но научниот интерес за неа останува и понатаму на високо ниво, особено во онкологијата и метаболистичката медицина. Односно, акермансија муцинифила е ветувачки бенефит за здравјето и лекувањето, но сè уште се движи во кругот на експериментална терапија во клиничката пракса. А ако д-р Ристески упатува на тоа, секако треба да се има предвид.




