Онколошки пациенти останаа без потребната терапија, дознава Курир. Додека кај едни е прекинат циклусот, други не можат да почнат со хемотерапија бидејќи лекот „Оксалиплатин“ го нема.
Пациенти кои ја контактирале редакцијата на Курир велат дека иако хемотерапија им била препишана, не можат да ја примаат бидејќи лекот го немало. Други велат, во болничките ходници се зборува дека лекот нема да го има до 15-ти месецов.
Курир побарал одговор од Министерството за здравство од каде потврдуваат дека лекот Оксалиплатин во моментов го нема.
-Од Клиниката за радиотерапија и онкологија сме информирани дека во петок ќе пристигнат нови количини од лекот Оксалиплатин, и пациентите навремено ќе ја добијат терапијата, се вели во кусиот одговор од Министерството за Курир.
Во меѓувреме, пациентите се снаоѓаат како знаат. Некои се обидуваат да го најдат лекот во соседните земји и да продолжат или почнат со терапијата, а други поради финансии остануваат да чекаат лекот да биде обезбеден од Клиниката која е должна да го набави.