Обвинителството информира дека во текот на ноќта засега непознати сторители опожарија автомобил на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Интензивно се преземаат дејствија за откривање на сторителите и се обезбедуваат сите докази на терен.
-Првичните индиции упатуваат на можна поврзаност со фактот што јавниот обвинител постапува во два сензитивни предмети во кои во моментов интензивно презема истражни дејствија. Истражните органи работат на расчистување на настанот и на целосно утврдување на причините, велат од Обвинителството.
Во полицискиот билтен се наведува дека утринава во 6 часот било пријавено дека на подрачјето на Карпош е опожарен автомобил „пежо партнер“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.В.(45) од Скопје.
Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.