Општините бараат Владата да ја укине вчерашната одлука за забрана на локалните самоуправи, да формираат претпријатија или фирми за јавно осветлување. Реагираат дека одлуката е политичка, а крајната цел е да се спречи општините предводени од опозицијата да управуваат со јавното осветлување. Од Владата ја бранат одлуката за да нема злоупотреби, а од општините реагираат дека така им се ускратува можноста да заштедат некој денар, среде голема криза.
„Како би функционирало тоа?! Има општини коишто се пред потпишување на договори за преземање на обврските за плаќање на електричната енергија за уличното осветлување преку јавни претпријатија коишто се во процедура, а некои општини таа процедура веќе ја поминаа и веќе ги користат тие услуги. Тука се ставени во нерамноправна положба и не е позитивен моментот“, реагира Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Од Општина Кисела Вода, велат дека ќе го почитуваат само Законот за енергетика кој за нив е јасен и според градоначалникот Ѓорѓиевски – нема потреба од други интервенции. Дел од оштинските власти се на став дека не можат да ги покријат трошоците за струја доколку се принудени да обезбедат струја на слободен пазар. Според градоначалникот на Општина Петровец, Митевски, сметките за струја „го јадат“ буџетот за капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
„И покрај тоа што барем 50% од светилките ги заменивме и ставивме штедливи, нам сепак сметките за струја од 380 илјади денари нѝ се качија на 1.100.000, 1.200.000 денари. Тоа буквално значи дека секој месец, Општина Петровец може по една улица помалку да прави. Има други општини коишто немаат заменето светилки и тие се наоѓаат во многу полоша финансиска состојба. Ако остане вака како што е сега, тогаш општините ќе се наоѓаат во уште понезавидна положба“, вели Митевски.
Од Владата и денеска со иста порака. Постојат сознанија за злоупотреби и на тоа се базира одлуката, вели Ковачевски.
„За да се спречат злоупотреби и манипулации за што имаме сознанија, при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, донесовме одлука со којашто на општините и на Град Скопје им се забранува да основаат јавни претпријатија, друштва со ограничена одговорност или акционерски друштва за вршење на дејност од јавен интерес – јавно осветлување“, изјави Ковачевски.
Во меѓувреме, училиштата имаат рок до први декември да склучат договор со ЕСМ продажба, за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а за иста цена струја ќе има и за комуналните претпријатија.