За првпат од избувнувањето на епидемијата, бројот на излекувани од коронавирусот во Германија го надмина бројот на заразени. Тоа го соопшти денеска берлинскиот институт за вирологија „Роберт Кох“.
Според институтот, бројот на потврдени случаи со Ковид-19 во Германија е 120.479.
Излекувани пациенти се 60.200. Вкупно 2.673 лица починале во државата. До денеска, 57.606 лица се заразени.
Епицентарот на ширењето на коронавирусот во Германија е провинцијата Баварија, каде според институтот, заразени се 32.282 лица, а смртните случаи на Ковид-19 се 786. Следна е провинцијата Северна Рајна-Вестфалија со 24.267 потврдени случаи и 495 смртни случаи и покраината Баден- Виртемберг со 24.078 случаи и 649 починати.