Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека повеќето Европејци не го поддржуваат забрзаниот пристап на Украина во Европската Унија, ниту испраќањето европско оружје и војници во војната, нагласувајќи дека војната меѓу Русија и Украина станала „катализатор“ преку кој Брисел се обидува да преземе сè повеќе овластувања.
Зборувајќи на пленарната седница на Форумот на унгарски парламентарци во Карпатскиот басен (KMKB), Орбан предупреди дека Брисел ја користи војната како изговор за централизирање на власта и елиминирање на националните суверенити во рамките на ЕУ, што го нарече „институционален удар“, објави МТИ.
Според него, ЕУ повеќе не се легитимира со успеси, туку се обидува да го насочи вниманието на јавноста кон конфликтот со Русија.
„Воената пропаганда на Брисел тврди дека Русија може да ја нападне ЕУ или дури и НАТО, и дека тоа може да се спречи само со превентивен удар. Според нив, војната во Украина е тој удар. Но, тоа не е вистина. Европа може да се заштити без да се продолжи војната“, рече Орбан.
Тој додаде дека сегашниот курс на Брисел води кон укинување на суверените елементи во рамките на Унијата и дека Унгарија е должна да се спротивстави на овој процес и да ги зајакне антивоените иницијативи низ цела Европа.
Орбан нагласи дека Унгарците во странство се приоритет на националната политика на Унгарија, но и дека земјата се стреми кон добри односи со своите соседи.
Тој предупреди дека политичките сили кои се непријателски настроени кон Унгарците не можат да сметаат на нивната поддршка на европската сцена.