Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека не се плаши од губење на власта на следните избори бидејќи се соочува со редок предизвик за неговото дведецениско владеење во Будимпешта.
Анкетите покажуваат дека партијата Фидес на Орбан, која е премиер на Унгарија речиси 20 години, а во последните 15 без прекин, заостанува зад опозициската партија Тиса во Унгарија, предводена од Петар Маѓар.
Во интервју со Матијас Депфнер, извршен директор на германската медиумска група „Аксел Спрингер“, Орбан беше прашан дали ќе го прифати изборниот резултат ако изгуби на што одговори дека има „искуство“ во опозицијата и не е загрижен за својот политички опстанок.
Маѓар и неговата Тиса водат на анкетите благодарение на ветувањата за искоренување на корупцијата и оживување на стагнирачката економија во Унгарија.
Изборите треба да се одржат следната пролет, веројатно во април.
„Јас не сум само рекордер како премиер, туку и рекордер како лидер на опозицијата“, рече Орбан.
„Имам искуство. Поминав 16 години во политиката како лидер на опозицијата. Не плашете се. Знам како да продолжам.“
Последново 15-годишно владеење на Орбан предизвика критики за Будимпешта заради назадување во демократијата и владеењето на правото, при што популистичко-националистичкиот премиер често се судира со ЕУ околу поддршката за Украина, ЛГБТК+ правата и руските санкции.
„Европската Унија е опасност за нас. Тие нè уценуваат“, рече тој. „Тие се обидуваат да нè задушат економски и финансиски.“
Маѓар не е негов „главен противник“ на изборите, тврди Орбан, туку Брисел.
„Брисел би сакал да ја промени владата во Унгарија. Тие би сакале влада тука во Унгарија, како што направија во Полска, која ги следи упатствата на Брисел за миграцијата, економијата, војната. Но, јас не сум тој човек“, рече Орбан. (МИА)




