Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју на МРТ 1, потврди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе допатува во посета во земјава до крајот на тековниот месец.
Според Муцунски, засега не се знае точно каде ќе се одржи оваа средба, а неофицијално се спомнува Охрид и како потенцијални датуми – 25 и 26 септември.
Во врска со посетата на Сиљановска на Бугарија и проблемот со македонското знаме, Муцунски очекува извинување од соседна Бугарија.
„Доколку другата страна пристапува во бона фиде, како што ние пристапуваме, тогаш природно е по ваква протоколарна грешка да се извини и може да каже дека беше грешка и дека не била целта каква било форма на навредување или меѓусебно понижување“, рече тој.