Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави денеска дека ЕУ мора да ги повлече одлуките насочени кон борба против климатските промени, бидејќи, според него, тие се главната причина за рекордниот скок на цените на енергијата во Европа, пишуваат агенциите.
Орбан, како што пренесуваат медиумите во светот, вели дека сметките за потрошувачите ширум Европа се зголемуваат поради лошите одлуки донесени од бирократите од Брисел, кои се борат за животната средина со постојано зголемување на цените на јагленот и гасот.
„Овие одлуки мора да бидат повлечени, сегашните цени на бензинот се таму каде што треба да бидат во 2035 година. Брисел не е решение, тие се проблемот“, рече тој.
„Полјаците, Чесите и ние Унгарците бараме овие одлуки да бидат поништени“, додаде Орбан.
Според премиерот на Унгарија, енергетската криза ќе биде на агендата на следниот самит на ЕУ, а Будимпешта, Варшава и Прага ќе се појават на состанокот како обединет фронт кој ќе ги понуди своите решенија.
Орбан уште еднаш го нападна високиот претставник на ЕУ за климатска политика Франс Тимерманс, кој силно се залага ЕУ до 2030 година да ги намали нето емисиите за најмалку 55%. Тој неодамна предупреди дека зголемувањето на емисиите од европскиот транспортен сектор може да го спречи Брисел да ја постигне таа цел.
„Комесарот Тимерманс е најголемата закана за нас“, рече Орбан.
Во средината на неделата европските цени на гасот поставија нов рекорд со пораст над 1.900 долари за 1.000 кубни метри – речиси три пати повеќе отколку во септември.