Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача дека доколку помине предлогот на Европската комисија за поврзување на користењето на средствата од ЕУ фондовите со владеењето на правото, тоа ќе значи претворање на ЕУ во СССР.
„Тоа не го сакавме. Не ја создадовме ЕУ за да имаме втор Советски Сојуз“, рекол Орбан.
Европската комисија во четвртокот изнесе предлог според кој државите нема да можат да користат средствата од европските фондови ако не го почитуваат „владеењето на правото“.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјавил дека во петокот Полска ќе стави вето на Повеќегодишната финансиска рамка (2021-2027) односно на европскиот буџет ако постои клаузула за поврзаност на користење на парите со владеењето на правото. Моравјецки наведува дека проверката за тоа дали во некоја земја владее правото би се темелела на произволни и политички критериуми.
Орбан засега не се заканил со вето, но рекол дека такви критериуми би претставувале уцена на идеолошка основа без објективни критериуми.
Европскиот парламент во кој доминираат западноевропските држави настојува да го утврди критериумот, но Унгарија и Полска сметаат дека западноевропските држави сакаат да им наметнат свои вредности, со изговор дека се борат за владеењето на правото.
Инаку, ЕК има поведено постапка против Полска и Унгарија токму под тој основ – нарушување на владеењто на правото.