Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека иднината ѝ припаѓа на Централна Европа бидејќи, како што рече, овој регион е заштитен од миграциски бранови.
„Земјите од Западна Европа денес се мешани општества со растечко муслиманско население. Во големите градови наскоро ќе има муслиманско мнозинство“, рече Орбан на летниот универзитет во романскиот град Туснад, истакнувајќи дека ќе има „размена на население“.
Тој нагласи дека Европа ќе остане дестинација за мигрантите во наредните години и дека главната задача на премиерот за десет години ќе биде „да ги заштити западните граници на земјата од миграција“.
Орбан ја критикуваше Западна Европа затоа што, како што изјави, „таму христијанството никогаш не било поврзано со националниот идентитет, додека Унгарија во својот устав ја призна улогата на христијанството во зачувувањето на нацијата“.
Тој исто така рече дека младите луѓе во Унгарија денес се учат дека „ако се Унгарци, тие имаат задача да го зачуваат она што го имаат, да го стекнат она што им е потребно и да кажат „не“ на она што не им е потребно“.
„Суверена Унгарија значи живеење на свој начин, на унгарски начин, а не како што другите ни наметнуваат“, рече Орбан, додавајќи дека ова вклучува и живот „без мигранти, војна и родови идеологии“.
Кога го прашале што би направил доколку беше на чело на Европската комисија, Орбан рекол дека мора да се врати рамнотежата на моќта меѓу земјите-членки и институциите на ЕУ, како и дека овластувањата што им беа одземени мора да им се вратат на државите.
„ЕУ треба да биде организирана на таков начин што секоја земја ќе се чувствува удобно, добро и среќно во неа“, заклучи Орбан.