Унгарија сака да ја спречи Европа да влезе во војна со Русија, изјави денеска премиерот Виктор Орбан на митингот „Марш на мирот“ во Будимпешта и порача дека Унгарците нема да гинат за другите.
„Ни претстои огромна задача, каква што никогаш не сме имале. Мора да ја спречиме Европа да влезе во војна што ќе доведе до нејзино уништување“, рече Орбан на митингот „Марш на мирот“ во Будимпешта за поддршка на политиката на унгарската влада против ширењето на конфликтот во Украина.
Тој оцени дека денес Европа се подготвува за војна, дека секој ден во Украина се слеваат стотици милијарди евра, нуклеарно оружје се става среде Европа.
„Се чини дека нема кочница на провоениот воз, а машиновозачот полудел“, рече Орбан, додавајќи дека сопирачката за итни случаи мора да се повлече за да можат барем оние што ја сакаат да излезат и да останат надвор од војна.
Орбан зборуваше и за тоа како Унгарија сега е посилна од кога било во последните сто години, дека претставува мирен и силен остров во средината на Европа, но дека клучното прашање е дали ќе се откаже од мирот.
„Ние нема да одиме во војна и нема да гинеме за другите на туѓо тло“, рече Орбан, пренесува Index.hu.
Тој додаде дека не смее да се дозволи спроведување на опасните планови на ЕУ и НАТО, кои водат до ширење на конфликтот во Украина и ги повика граѓаните на претстојните избори да гласаат за партии кои се залагаат за мир, а не за војна за Европскиот парламент.
„Каде и да се случи војна, нема спас, војната ве обзема, не можете да избегате од неа, не можете да се скриете од неа. Единствениот противотров за војната е мирот. Да останеме надвор од војна и да ја зачуваме Унгарија како остров на мирот, тоа е нашата мисија“, рече Орбан.