Унгарија планира да испрати министерска мисија за утврдување на фактите во Украина за да ја истражи штетата на нафтоводот „Дружба“, клучен канал за руската нафта до оваа земја без излез на море, се вели во декретот објавен во Службениот весник на земјата.

Заменик-министер од Министерството за енергетика ќе ја предводи мисијата, која беше наредена од премиерот Виктор Орбан и во која ќе биде вклучен и претставник од унгарската енергетска компанија МОЛ, пренесе ДПА.

До крајот на јануари, Унгарија и соседна Словачка добиваа руска нафта преку нафтоводот од кој се многу зависни.

Додека украинските власти известуваат дека нафтоводот е оштетен од руски напади, унгарската и словачката влада тврдат дека прекинот на снабдувањето преку нафтоводот е резултат на политичка одлука на Киев, а не на технички прашања.

Украина го негира ова, велејќи дека нафтоводот бил погоден од руски дрон, што предизвикало пожар кој ги оштетил подземните контролни системи.

– Ова оштетување не е видливо однадвор, но сепак ќе бара обемни поправки – изјави украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал.

Унгарската мисија за утврдување на фактите бара дозвола од Киев за да ја процени штетата и се смета за симболичен чин на Орбан, чии односи со украинскиот претседател Володимир Зеленски се затегнати. Орбан се надева дека ова ќе изврши поголем притисок врз Украина за повторно да го стави нафтоводот во функција.