Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела во Вашингтон ќе се состане со американскиот претседател Доналд Трамп за да разговара за енергетски прашања, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
САД минатата недела воведоа санкции за најголемите руски производители на нафта Росњефт и Лукоил, што потенцијално би можело да влијае на Унгарија која во голема мера зависи од руската нафта и гас.
Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, за време на викендот за телевизијата Фокс Њуз изјави дека САД очекуваат од земјите како Унгарија да изработат и спроведат план за прекин на користењето на руските извори на енергија.
– Премиерот ќе има можност во Вашингтон во втората половина на следната недела лично да разговара за тоа прашање со американскиот претседател, рече Сијарто во обраќањето пред новинарите, заедно со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар кој е во посета на Будимпешта.
Сијарто рече дека Унгарија во моментов анализира што ќе значат санкциите против двата руски енергетски гиганти за неа „правно и физички“ кога ќе стапат во сила.
Орбан, кој се претставува како близок сојузник на Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во рамките на ЕУ, во петокот рече дека разгледува начини како да ги „заобиколи“ санкциите.
ЕУ минатата недела, исто така, го таргетираше рускиот нафтен сектор со објавување на нова рунда санкции против Русија, 19-та од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Орбан, кој повеќепати ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија, досега добиваше изземање за Унгарија за испорака на нафта преку нафтовод, наведувајќи дека неговата земја нема практична алтернатива за своето снабдување.




