Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој пред неколку дена беше во Белата куќа, изјави дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта е сè уште на дневен ред. И дека преговорите меѓу руската и американската делегација во моментов се заглавени поради прашањето за украинските територии. Ова тој го изјави во интервју емитувано на „Јутјуб“ каналот на комерцијалната телевизија АТВ.
Орбан нагласи дека Унгарија е вклучена во преговорите меѓу американската и руската делегација до одреден степен. Тој кажа дека 22 проценти од регионот Донецк во источна Украина сè уште не е под руска контрола.
Тој нагласи дека не се откажал од мировната мисија за Украина и ги користи своите врски со Русија за да постигне договор.
Трамп и Путин, годинава, од почетокот до 16 октромври, разговараа телефонски осумпати. По разговорот, кој траеше два и пол часа, рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков објави дека Москва и Вашингтон веднаш ќе започнат подготовки за нова средба меѓу Путин и Трамп, која би можела да се одржи во Будимпешта.
Трамп подоцна објави дека ја откажал планираната средба со Путин во Будимпешта. Путин рече дека средбата веројатно е одложена. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Трамп бил првиот што сугерирал дека одржувањето на самитот во Унгарија во моментов е бесмислено и дека Путин се согласил со тоа.




