Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, денес изјави дека претседателствувањето на Доналд Трамп донесе „цивилизациски промени“ и „ја врати надежта во светот“.

Во својот воведен говор на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Будимпешта, Орбан рече дека ја предвидел победата на Трамп на истата конференција минатата година.

„И тој победи. Следната година има избори во Унгарија. Дали има уште прашања“, рече Орбан.

Тој го опиша враќањето на Трамп како „торнадо на Трамп што го зафати светот“, нагласувајќи дека американскиот претседател „ја врати надежта и мирот во нормалниот живот“.

„Нема да се удавиме во море од „разбудена“ идеологија, нема да бидеме преплавени од мигранти“, рече Орбан, опишувајќи ја победата на Трамп како најголемиот камбек што Западот некогаш го видел.

Орбан изјави дека изборната победа на американскиот претседател Трамп и поразот на либералите се „како сон“, но дека овој сон на Европејците е „украден и попречен од Брисел и претворен во кошмар“.

Во својот говор Орбан рече дека Европејците не се чувствуваат безбедно во своите земји, додека европските компании пропаѓаат, а Зелениот договор го нарече „пародија“.

„Европа сега треба да преговара со политички „тешкаш“ од САД, но се чини дека меѓу европските лидери има само лесни лидери“, рече Орбан.

Тој додаде дека европската слобода исчезнала и дека е во води жестока борба за моќ, наведувајќи ги примерите на поранешната лидерка на Францускиот национален собир, Марин Ле Пен, и лидерот на партијата Лига, Матео Салвини.

„Сè се урива. Промените се неопходни, ова не може да продолжи“, заклучи Орбан.