Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „ќе ја „поврзе Русија повторно со економиите и енергетските мрежи на Западот доколку војната во Украина заврши“.
Орбан изјави за државното радио дека Трамп иницирал „сеопфатна промена во пристапот на Западот за голем број прашања, вклучително и Украина“, и дека пристапот на Трамп ќе доведе до „вратење на Москва под крилото на Западот“.
„Ако американскиот претседател постигне мир, ако се постигне договор, мислам дека Русија ќе биде реинтегрирана во светската економија, реинтегрирана во европскиот безбедносен систем, дури и во европската енергија. Ова ќе и даде огромен поттик на унгарската економија. Тоа е голема можност. Во мир добиваме многу“, рече Орбан.
Трамп и Путин во телефонски разговор во средата се договорија да започнат преговори за ставање крај на руската војна во Украина.
Орбан го критикуваше Западот за помошта на Украина и се закани дека ќе стави вето на санкциите на Европската унија кон Москва и го пофали Трамп за неговите разговори со Путин, велејќи дека Трамп „сака мир“.
„САД иницираа промена која го става целиот систем на аргументи, системот на вредности и начинот на размислување на западниот свет на нов колосек. Овој процес напредува многу побрзо отколку што многумина мислеа. „Ова го нарекуваме „Трамп торнадо““, рече Орбан.
Унгарија, за разлика од повеќето земји од ЕУ, продолжи во голема мера да се потпира на руската нафта и гас и ги критикуваше санкциите на ЕУ против рускиот енергетски сектор.
Орбан денеска изјави и дека ЕУ „ќе се распадне“ доколку не се намалат цените на енергенсите.
„Јас лично се уверив во 2010, 2011 година дека Европската унија е завршена“, рече тој.
„Ако Германците и Французите не смислат нешто и не ја однесат Европската унија на нов пат, тогаш нејзините денови се избројани. Нема потреба да се напушта, таа сама ќе се распадне ако продолжи вака“, смета Орбан.