Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Украина „одамна ќе се распаднеше“ да не беа НАТО и Европската Унија, истакнувајќи дека Унгарија е членка на обете организации.

Орбан ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека унгарските извидувачки беспилотни летала најверојатно влегле во воздушниот простор на земјата, објави МТИ.

„Претседател Зеленски, со сето должно почитување, престанете да нè малтретирате“, напиша Орбан на својот профил на социјалните мрежи X.

Зеленски го изнесе тврдењето за наводниот упад на унгарските беспилотни летала вчера, по состанокот со Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.

„Украинските сили регистрираа нарушувања на нашиот воздушен простор од страна на извидувачки беспилотни летала, кои веројатно се унгарски. Прелиминарните проценки сугерираат дека тие можеби вршеле извидување на индустрискиот потенцијал на пограничните области на Украина. Наредив да се проверат сите достапни информации и итно да се достават извештаи за сите регистрирани инциденти“, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи X.