Научниците предупредуваат дека осаменоста има многу негативно влијание врз здравјето, во секое животно доба, особено во староста, време кога е тешко да се стекнат нови пријателства и да се воведат новини во животот. Најновите истражувања покажуваат дека секој трет повозрасен човек чувствува осаменост, а секој четврти се чувствува целосно изолиран од заедницата.
Истражувањето спроведено во САД покажало дека чувството на осаменост е најизразено кај луѓе со здравствени проблеми. Истражувањето било спроведено на 2.000 луѓе на возраст од 50 до 80 години и покажало дека секој четврти меѓу нив се чувствува изолирано од остатокот од светот.
„Понекогаш е тешко да се открие дали луѓето се осамени поради болеста или осаменоста ја предизвикала болеста”, вели д-р Ерика Солвеј од Универзитетот во Мичиган.
Осаменоста повеќе ги погодува жените од мажите. Исто така, се покажа дека луѓето кои живеат сами, поверојатно е да бидат поосамени поради возраста и хронични болести оти поретко излегуваат надвор.
Истражувањата покажаа дека луѓето кои се осамени и изолирани, се повеќе подложни на срцеви заболувања, мозочен удар, имунолошки проблеми, а осаменоста значително го зголемуваат ризикот од предвремена смрт.