Оштетените штедачи од Еуростандард банка апелираат до надлежните институции да реагираат доследно и да го решат овој, како што наведуваат во соопштение, масовен криминал во сега веќе затворената Еуростандард банка.
-Може веднаш да започнат со луѓето на раководни позиции во банката, оние кои го иницирале, организирале, развиле и спровеле криминалот преку делење на непокриени кредити, перење пари, фалсификувања и измами односно делени пари од депозитите на граѓаните и фирмите на вересија. Потоа лесно може да продолжат и со сите други инволвирани лица во криминалот, добро познати на раководните лица од банката. Вистината мора да се открие и правдата да се задоволи, а криминалците да одговараат за сторените проневери и злоупотреби. Зошто ако нема правда нема да има ни мир, наведуваат во соопштението.
Додаваат дека и после четири месеци од затворањето на Еуростандард банка никој се уште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот.
-Напротив, сметаат, на главните носители на криминалот во банката, семејството Костовски, им се дозволува да отворат фирма за управување со инвестициски фонд за да продолжат со понатамошен грабеж или пак да го обновуваат познатиот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, и сето тоа со нашите покрадени пари.
Тие посочуваат на брзата реакција за случајот со злоупотребата на парите од европските фондови и додаваат дека кога се работи за пари од европските даночни обврзници надлежните институции реагираат и санкционираат молскавично, а кога се работи за пари на граѓани и фирми во државава на кои им се ограбени нивните лични доверени средства во банка, постапката се очекува да трае со години, да се остави на времето за да можеби никогаш и не заврши.
-Овие оштетени обични луѓе и фирми депоненти на банката, живеат, работат и функционираат во земјава, плаќаат даноци, се лојални на државата и директно придонесуваат во развој на домашната економија. Но сепак, кога ќе има потреба да државата ги заштити од проневери, злоупотреби и кражби и да веднаш ги санкционира оние кои тоа го направиле, тоа не се случува. Тие се оставени на немилост на системот којшто дозволил да бидат ограбени, излажани, измамени и оштетени, велат оштетените штедачи од Еуростандард банка.