Годинава за номинираните на Оскарите – награда која ја доделува американската Академија за филмски уметности и наука, гласаа 8469 претставници на филмската индустрија.

Сите кои гласаат за номиниран за Оскар се членови на Академијата, со седиште во Лос Анџелес. Тие мора да се „реализирани“ експерти во кинематографијата и се претставници на 17 области на филмската индустрија. Станува збор за актери, режисери, продуценти, сценаристи, костимографи и разни техничари.

Претходно, членовите на Академијата имаа доживотно право да гласаат за својот фаворит, но од 2016 година тој период е ограничен на 10 години. Мерката е воведена со цел да се избегне оние кои во меѓувреме ја напуштиле филмската индустрија да продолжат да гласаат.

Вообичаено Академијата е дискретна во однос на оние кои гласаат, меѓутоа нема обврска да ги крие членовите на таа институција.

По неколку години критики за составот на членовите, кој не ја одразува разноликоста на општеството, Академијата во 2016 година соопшти дека 90 отсто се белци и 76 проценти се мажи. Просечната возраст е 63 години. Таа година, Академијата соопшти дека до 2020 година ќе го удвои бројот на жени и на претставници на етничките малцинства. Но, и покрај новите членки, таа остана претежно „машка“ со 68 отсто мажи и со 84 проценти белци.

Секој гласа во зависност од својата бранша, односно актери за актери, режисери за режисери…

За одредени категории како што е избор на најдобар странски филм, каде годинава е номиниран македонскиот „Медена земја“ или за анимиран филм се формираат специјални комитети. Сите членови освен во својата бранша мора да гласаат за категоријата најдобар филм.

Од 24 категории за 23 се гласа на тој начин што оној кој има најмногу гласови – тој е победник. Само за најдобар филм се гласа поинаку и тоа во неколку кругови. Секој гласач прави список со номинираните филмови. Филмот кој во неколку кругови гласање најмногу се појавува на прво место на списокот е победник.

Свеченото доделување на Оскарите се одржува вечер во Лос Анџелес, во 20 часот по локално време.