Дваесет и четири лица се во групата заложници ослободени денеска, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
„Со олеснување го потврдивме безбедното ослободување на 24 заложници. Го олеснивме ова ослободување со нивното транспортирање од Газа до границата Рафа, означувајќи го реалното влијание на нашата улога како неутрален посредник меѓу страните“, објави Црвениот крст на X.
Црвениот крст не соопштува колку од ослободените заложници се од Израел, а колку од Тајланд.
Меѓу 24-те заложници ослободени се 13 Израелци, 10 државјани на Тајланд и 1 филипински државјанин, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед ал-Ансари.
„Ослободените вклучуваат 13 израелски државјани, од кои некои се со двојни државјанства, како и 10 тајландски државјани и еден филипински државјанин“, соопшти Ал-Ансари на X.
Египет и Тајланд првично соопштија дека 12 тајландски државјани ќе бидат ослободени.
Катарските власти одиграа главна посредничка улога во преговорите за договорот за заложници.
Израел претходно соопшти дека 13 израелски заложници ќе бидат ослободени, а тајландскиот премиер рече дека се ослободени 12 тајландски заложници – вкупно 25. Причината за несовпаѓањето во бројките не била веднаш јасна, а МКЦК не даде детали за националностите, објави Си-Ен-Ен.