Османи рече дека треба веднаш по изборите да се седне и ако треба со денови да се преговара и да се договори носење на уставните измени со цел државата да се отргне од статус кво ситуацијата и да тргне по патот на евроинтеграциите низ преговори со Брисел.
Денеска Османи изјави дека првата работа што ќе ја направи како шеф на државата е на еден состанок да ги собере сите лидери на политичките партии и чинители од кој, како што рече, нема да излезат без подадена рака дека по однос на Европската Унија нема разлики.
„По однос на оваа историска шанса да станеме членка на ЕУ нема да имаме различности. Ќе се натпреваруваме за сите теми, но не за Европската Унија. И ако тоа значи да се здружиме сите во една влада само да успее приказната, бидејќи знаејќи ги информациите и околностите, знам дека ако ја пропуштаме оваа можност ние пропуштаме уште 20 години во која ќе изгубиме една цела генерација. Не е патриотизам да го кочите европскиот процес. Со секој ден одложен европски процес, една група Македонци добиваат бугарски пасош и заминуваат во Европа. Една група Албанци, Роми, се качуваат во автобуси и заминуваат во Европа. Нема да можеме да ги вратиме тие луѓе, а се плашам дека 20 години луѓето некако издржаа со прашањето на името, дека ако повторно ни се најави 10-годишна, 20-годишна изолација тогаш ние ја губиме и надежта. А надежта е таа што последна умира. Црна и бела е опцијата, трета опција нема на овие избори. Тоа се европскиот фронт и националистичкиот фронт“, рече Османи.
Реакција пристигна од коалицијата Вреди.
„Нив во ДУИ на ум не им се всушност уставните измени, туку на ум им е како повторно да бидат дел од влада со цел да се спасат од криминалите што ги имаат направено, рече Изет Меџити“, еден од лидерите на коалицијата Вреди запрашан на денешната заедничка прес-конференција на опозициските лидери на Албанците.
„Има еден договор меѓу Вреди и ДУИ, непотпишан, туку џентлменски, од пред повеќе месеци, дека европската интеграција приоритет за државата. Остануваме на тоа, но временски не можам да кажам ‘пред да се формира владата’, туку дека ние сме најголемата гаранција за идната влада дека ќе продолжи по европскиот пат, онака како што сакаат повеќето граѓани на Македонија“, изјави за МИА претседателскиот кандидат Арбен Таравари.
Тој смета дека шест месеци се добар период во кој треба да поминат уставните измени за земјава да ги почне преговорите со ЕУ.