Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска, во рамки на работната посета на Рим и учеството на министерскиот состанок за Западен Балкан, учествуваше и на Конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: пристапување во ЕУ и регионална безбедност“ во ко-организација на Министерството за надворешни работи на Италија, Институтот за меѓународни работи од Рим и Опсерваторијата Балкан од Тренто.
Османи ја нагласи неопходноста од успешна социо-економска транзиција и поттикнување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ уште пред членството.
– Она што ни треба за да го вратиме позитивниот тренд за поддршка на евроинтеграцискиот процес може едноставно да се дефинира како постигнување на повеќе и подлабока интеграција уште пред членството. За нашите граѓани е значајно да видиме промена на подобро во секојдневниот живот, предочи министерот Османи.
Тој натаму додава:
– Се покажавме како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, позитивно придонесуваме за регионалната стабилност со давање поддршка на нашите соседи во надминување на отворените билатерални прашања, како што е неодамнешниот состанок на Дијалогот меѓу Србија и Косово, кој се одржа во Охрид, и со иницирање нови формати на соработка, како што е Иницијативата 8 долж Коридорот 8 со Бугарија, Италија и Албанија, иницијативата Б6 и најновата ЕУ Четворка – ЕУ Квад на оние држави од Западен Балкан кои имаат целосна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, укажа Османи.
На конференцијата, покрај домаќинот – потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, учествуваа министрите за надворешни работи од државите во регионот, шведскиот министер за надворешни работи Тобиас Билстром, еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, заедно со реномирани експерти и политички аналитичари од тинк-тенк институти од регионот.