Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Брисел се сретна со новиот еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеи, со кој разговараа за статусот на политиката на проширување на ЕУ, со посебен акцент на новата методологија, како и за статусот на реформите и останатите актуелности во земјава, соопшти СЕП.
Османи му честита на Вархеји за новата функција, и изрази надеж дека во претстојниот период, во целост ќе ја оправда интенцијата на целата Комисија за повторно разгледување на можноста за одредување датум за старт на преговорите со Северна Македонија во текот на хрватското претседателство.
– Се надеваме дека процесот на реформа на методологијата нема да се одолговлечи, а уште помалку, дека ќе ја блокира иницијативата за брзо враќање на процесот на проширување назад на агендата на Унијата, истакна Османи на средбата.
Тој притоа потенцира притоа дека сè што ќе го направи процесот на преговори подобро структуриран, поефикасен, пофер, посуштински и покредибилен е од интерес и за нашата земја.
Османи ја потенцира подготвеноста на земјата за старт на преговорите, но истовремено и посветеноста и фокусираноста на Владата кон обврските и во престојниот период. На еврокомесарот Вархеји му ја претстави и реформската агенда на Владата за претстојниот период, а во пресрет на самитот на ЕУ во март следната година.
Вицепремиерот Османи истакна и дека по неуспехот на октомврискиот самит да се обезбеди одлука за старт на преговорите, кредибилитетот на ЕУ во целиот регион е сериозно нарушен.
Се надевам, додаде Османи, дека преку новите иницијативи ќе успееме да ја вратиме довербата не само во европските институции, туку воопшто и во процесот на европеизација на целиот регион.