Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како дел од Тројката претседавачи со ОБСЕ, заедно со неговите колеги од Полска, Збигњев Рау и од Шведска, Ан Линде, денеска на полско-украинската граница остварија средба со нивниот колега од Украина, Дмитро Кулеба.
На средбата со Кулеба, беа дискутирани потребите на украинската страна за одбрана на својата земја, и помошта што меѓународната заедница треба да ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната.
– Треба да направиме повеќе, не само за справување со последиците, туку и да го запреме ова лудило. Херојскиот отпор на украинскиот народ е за највисоко восхитување: додека ја бранат својата татковина, тие ги бранат и нашите заеднички вредности, нашите принципи, нашиот начин на живот, и наша должност е да им помогнеме на секој можен начин, истакна Османи на прес-конференцијата по средбата со Кулеба.
Како што соопшти МНР, министрите го посетија и прифатниот центар за бегалци Млини во близина на граничниот премин Корчова, на полско-украинската граница. Како резултат на руската воена агресија, милиони граѓани на Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште пред се во соседните земји.
– Сликите од кампови и бранови на беглаци се длабоко вознемирувачки, особено за нашиот регион каде се уште се свежи сеќавањата од војните во 90-тите година, нагласи Османи.
Министрите уште еднаш ја осудија неоправданата и неиспровоцираната руска воена инвазија врз една независна држава, спротивно на меѓународното право и основните документи на ОБСЕ. Воедно, укажаа и на неопходноста од почитување на меѓународното хуманитарно право и фундаменталните човекови права од страна на Руската Федерација.
Посетата на тројцата министри е дополнително уверување дека Украина ќе биде во фокусот на делувањето на ОБСЕ, и во таа насока ќе се искористат сите механизми на Организацијата за постигнување на мир, безбедност и трајна стабилност во земјата но и во целиот ОБСЕ регион, стои во соопштението на МНР.