Прашан дали имаат комуникации со Кабинетот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дали ќе присуствува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, Османи посочи дека се уште нема потврда за доаѓањето на Лавров во Скопје.
Ние ги процесуираме барањата на сите членови на руската делегација за визи и за доаѓање во Македонија. Во моментот кога ќе имаме решение сигурно ќе информираме, посочи министерот Османи.
Во однос на учеството на Русија на Министерскиот состанок на ОБСЕ, Османи минатата недела на средба со новинарите рече дека добил писмо од рускиот министер Лавров во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во земјава, но оти, во однос на тоа постојат одредени предизвици, бидејќи македонскиот воздушен простор е затворен за државни руски авиони.
На Министерскиот состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје од 29 ноември до 1 декември ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 гости.