Оваа година ќе се отвори сериозна патека за Западен Балкан, пред сè, поттикната и од потребата за Украина. Ќе се расчистат две групи – една што влегува во брзата патека и втора група што чека подобар момент. Ние или ќе влеземе во групата со Србија, Црна Гора и Албанија или ќе останеме во групата со Босна и Херцеговина и Косово кои сè уште имаат отворени прашања – вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Вратата на Европската Унија се отвора периодично, во одредени геополитички моменти, а процесот не бил лесен за ниту една земја, најмалку за нас бидејќи имавме билатерални пречки, но немаме алтернатива и затоа сега имаме сериозна шанса да бидеме во првата група држави што ќе влезат во ЕУ и пред нас е историска одлука за тоа дали ќе бидеме дел од оваа група, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“.
Според него, очигледно е дека се очекува нешто големо за Украина во однос на нејзината европска перспектива и отворање на брза патека, но и дека на сите им е јасно дека Брисел не може да стигне до Киев без да помине низ Западен Балкан.
„Мислите дека новата влада во Бугарија беше само производ на желбата на политичките партии или на сфаќањето на контекстот дека е сериозен и на крстосница?! Така што, ќе се отвори сериозна патека за Западен Балкан оваа година, пред сè поттикната и од потребата за Украина и руската агресија во Украина. Тука ќе биде прашањето за нас и ќе се расчистат две групи – една што влегува во брзата патека и втора група што чека подобар момент. Ние или ќе влеземе во групата со Србија, Црна Гора и Албанија или ќе останеме во групата со Босна и Херцеговина и Косово, кои сè уште имаат отворени прашања“, рече Османи.
На новинарско прашање – зошто граѓаните сега да веруваат дека ако се направат уставните измени навистина ќе има брза патека за земјава, имајќи предвид колку пати претходно беа изневерени од Европската Унија, Османи вели дека тоа се докажува врз основа на емпирија и дека во Европската Унија вратата се отвора периодично, во одредени геополитички моменти.„Влегуваат тие што во моментот се подготвени, овој процес не бил лесен за ниту една држава, ние создаваме конспирации дека ова е за нас направено да биде тешко – да, бидејќи беше специфично поради билатералните пречки, но генерално е тежок процес за сите држави. Ние немаме алтернатива, така што ако сите најкредибилни проценки во Европската Унија кажуваат дека ќе има брза патека за Западен Балкан и дека има сериозна шанса првата група земји да влезе во ЕУ, наша ќе биде историската одлука дали влегуваме“, вели Османи.
Според него, кога ќе се отвори првиот кластер, патот по кој ќе се движи земјата кон ЕУ е прав, иако и по него ќе има одредени пречки.
Прашан дали се разгледува опција за предвремени избори наесен ако не успеат да стигнат до двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени, Османи вели дека за такво нешто нема потреба, бидејќи наредната година следуваат регулари избори. Според шефот на дипломатијата, целиот фокус во овој момент, наместо на предвремени избори треба да се стави на комплетирање на процесот на уставни измени, особено во новите услови кога Бугарија ќе добие нова влада.