Дилемите на Франција за проширување на ЕУ не се однесуваат на Македонија, тие очигледно ги препознаваат и признаваат успесите и на политички план и во делот на реформите со сите очекувања да се направи повеќе, истакна вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на дебата на ТВ Телма.
Според него, дилемите на Франција се повеќе во однос на потребата од продлабочување на Европската Унија како процес кој што го следи проширувањето.
-Очекувам дека Франција ќе предложи нова методологија на преговори и на функционирање на ЕУ затоа што ние како земја кандидат, која ќе преговара, ќе се адаптира, рече Османи на дебатата со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Самитот во октомври не е обичен самит на кој се носи некаква обична одлука, туку историски момент кој ќе ја одреди иднината на прошиувањето на регионот, нагласи Османи.
Тој е уверен дека земјава ќе ги почне преговорите и дека во декември или најдоцна март ќе се одржи меѓуресорската конференција.
–Моите информации се дека првиот предлог или драфт верзијата е предложено таа да се одржо во декември. Денеска чувме дека има забелешки на одредени земји членки дали би биле подготвени да се заврши преговарачката рамка и оваа средба да се одржи во декември или да се одложи за јануари, февруари, март, но, секогаш зборуваме во контекст дека временските обврзани периоди се веќе започнати, рече Османи.
Николовски не е сигурен дека ваква средба ќе има во периодот кој го наведе вицепремиерот Османи. Почетокот на преговорите, вели, е многу битно кога ќе биде, бидејќи секогаш со сите држави било во истата година кога Советот носел одлука.
-Она што ние го имаме како информација е дека ниту во декември ниту во март ќе биде, туку ќе треба да се чека следниот извештај затоа што ќе има предуслови кои не може Македонија да ги заврши во тој период. Затоа во најдобар случај ќе има датум за датум, односно ќе има предуслови кои Владата ќе треба да ги реализира и дури потоа би почнале преговори. Мислам дека оваа Влада на Заев нема капацитет тоа да го направи, рече Николовски.
МИА