Според моите информации, околу 2.000 граѓани имаат нерешен статус на државјанство, од кои 1.300 се Албанци, другите се од другите етнички заедници. Прво е многу важно да се дефинира проблемот пред да се пристапи, бидејќи имаше шпекулации за 70 000, 40 000, 50 000 со цел темата да стане дел од добивањето на дневно-политички поени, а не решавање на судбини на граѓани, истакна на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање тој нагласи дека станува збор за 1300 нерешени апликации коишто од различни причини се се уште нерешени, дел поради бирократска инертност, дел поради погрешно интерпретирање на законите, и тие, како што рече,  добро е да се решат.

– Сепак не е малку 1.300 граѓани да немаат можност да имаат документи, а луѓето живеат овде и не можат да ги користат основните права коишто ги имаат како граѓани. Во последните 20-30 години имаше една информација дека околу 14.000 го решиле прашањето токму преку законските решенија коишто ги олеснуваа одредени бирократски процедури, останува овие 2000 коишто низ системот треба да се регулира нивниот статус, меѓутоа никако не смее оваа тема да се „киднапира“ во дневно политичките препукувања, особено во услови на криза и пандемија со цел да се заклучат други важни исто така прашања, потенцираше Османи.