Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека не треба да се дига раце од уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата и треба до последен ден да се работи на тоа во постојниот состав на парламентот. Побитно, е вели, јавноста да ја придобиеме за уставните измени отколку опозицијата.
-Јас се надевам дека ќе се гласаат. Не треба ние политичарите да дигаме раце од тој процес. Треба до последен ден да продолжиме, и да не успееме ќе има позитивен колатерален ефект од убедувањето затоа што мене ми беше многу побитно во овој период јавноста да ја придобиеме отколку опозицијата. Затоа што јавноста беше подложена на силна пропаганда и во услови на постоечка фрагилност заради историјатот, луѓето беа ранливи и кога на тоа некој додава сол, имате спремен терен да имате гневни граѓани. Не велам не со право заради историјатот, но не конкретно за овој предлог. И полека требаше да се објаснуваме со граѓаните, макар и еден човек на ден ако треба да придобиеме да убедиме дека нема алтернатива овој пат, за уставните измени, не опозицијата, вели Османи во гостувањето во Само интервју на Канал 5.
Тој рече дека не се согласува со ставот на претседателот, кој изјави дека е веќе јасно дека нема да се изгласаат уставните измени и го смета за погрешен пристап.
Според него, опозицијата и нејзинот лидер нема своја стратегија за евроинтеграците, туку ги гради ставовите „јавајќи на бранот на јавното мислење“. Нагласи дека гаранциите кои ги бара опозицијата дека нема да има нови вета од Бугарија, се добиени во Преговарачката рамка.
-Ние не работевме за да ја убедиме Бугарија, ние работевме за да изградиме ѕид помеѓу Бугарија и Брисел, бугарските барања да не можат да пробијат во Брисел, Преговарачката рамка е сега филтерот низ којшто сега поминуваат бугарските барања. Не може да помине ништо што не го предидува филтерот наречен Преговарачка рамка. Протоколот не е дел од поглавјата. Гаранциите ги добивме преку Преговарачката рамка во кои што прво македонскиот јазик за прв пат стана европски јазик, без никакви додавки. Гаранција се начинот на кој што се отвараат поглавјата во кои што нема билатерални прашања освен Акцискиот план за малцинства т.е. човековите права и уставните измени. Гаранција е Резолуцијата на германскиот Бундестаг, гаранција е изјавата на бугарската Влада дека нема да има нови барања. Значи вие може да измислите милион други потреби за гаранции, но патот е овој, нема друг пат, нагласи Османи.
Бугарија може да ги прекрши правилата на игра, но, вели Османи, не може да блокира за барања кои што не се предвидени во патоказите. Тој појасни дека два патокази се бенчмаркови од кои во Патоказот за владеење на правото, постои Акциски план за малцинства кој што не се однесува на Бугарите туку на сите етнички малцинства под 20 проценти каде се предвидени прашања од типот на право на здружување. Тој се уште се подготвува не не е завршен, но постојат рокови кога треба да се заврши.
Османи е уверен дека и доколку дојде до промена на власта земјата наредните шест месеци ќе мора да најде начин да ги донесе уставните измени, бидејќи додава, ЕУ е за нас „Павлов рефлекс“ и без отворање на поглавјата како и договор меѓу позицијата и опозицијата не можат да се спроведат европските реформи.
-Европските реформи не можат да се спроведат еднострано, или ќе има државен договор за реформи, а тој државен договор без договор меѓу позицијата и опозицијата под капа на ЕУ е утопија. Ние мора да имаме државен договор за европската агенда, како што имаа Хрватите, рече министерот Османи.