Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој престојува во дводневна работна посета на Софија, денеска имаше средби со лидерите на главните политички партии претставени во бугарското Народно собрание на кои се разговараше за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и за начините како да се адресираат отворените прашања кои ги засегаат двете соседни држави, во интерес на нашите граѓани и нивната европска иднина.

– Без разлика на предизвиците, С. Македонија и Бугарија мора да продолжат да ги негуваат блиските односи и соработка во духот на европските вредности. Тоа го очекуваат и граѓаните на двете земји, но и нашите партнери и сојузници. Покрај нашето сојузништво во НАТО, нам нѐ очекува и партнерство во Европската Унија, но без разлика, ние сме пред сѐ добри соседи и нашата амбиција не треба да биде ништо помалку од стабилно и долгорочно пријателство, посочи Османи.

Покрај билатералните односи на средбите на Османи со Бојко Борисов од Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите (ДПС), Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Христо Иванов од Демократска Бугарија и Стефан Јанев од Бугарски подем, се разговарало и за актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, справувањето со енергетската криза, но и можностите за продлабочување на позитивниот тренд во економската соработка.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата со Борисов во седиштето на ГЕРБ, што беше пренесувана во живо на Фејсбук, Османи нагласи дека најдобар начин за подобрување на меѓусебните односи е комуникацијата.

– Многу е важно двете страни да реагираат адекватно на провокациите, изјави Османи.

Борисов, чија партија во коалиција со Сојузот на демократските сили (СДС) освои најголем број пратеници на неодамнешните предвремени парламентарни избори, истакна дека се залага за подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија, нагласувајќи дека провокативните постапки треба да престанат, бидејќи тие „не се добри“.

Тој додаде дека коалицијата ГЕРБ-СДС победи на изборите во Бугарија и покрај нивната поддршка за Република Македонија, со што, според него, се покажало оти Бугарите оценеле „дека е поддржана најблиската до нив нација и дека треба да бидеме заедно“.

– Можеме да си го честитаме успехот и да продолжиме понатаму. Ние треба само да изградиме транспортни коридори, важните работи се движат, треба да бидеме заедно. Да градиме, луѓето сакаат да живеат подобро, изјави  Борисов.

Тој истакна дека исвиркувањето на  бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на двете земји не бил убав чин и создал тензија во Бугарија.

Борисов додаде и дека не е негова работа да се меша во внатрешните работи на земјава, но нагласи оти усвојувањето на измените на законите за политички партии и за здруженија предизвикале остра реакција во Бугарија. Според него, ваквата постапка се одразува негативно врз добрососедските односи и побара примената на измените да се одложи се додека по нив не се произнесе Венецијанската комисија.

Тој сепак истакна дека има и позитивни примери во односите, како што е продолжувањето на изградбата на пругата во земјава до границата со Бугарија, која е дел од Коридорот 8.

Османи претходно се сретна и со неговиот бугарски колега Николај Милков, како и со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. Како што соопшти МНР, на средбата Османи – Донев станало збор за севкупните односи и соработка меѓу двете држави, со фокус врз економската соработка и подготвеноста за заедничкото справување со последиците од енергетската криза.

Османи и Донев изразија задоволство што само во изминатава недела се случија два клучни настани – почетокот на градбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 и потпишувањето на Договорот за меѓусистемско поврзување за интерконективна точка Ќустендил-Жидилово, кои јасно ја демонстрираат определбата на двете Влади да дејствуваат во насока на реализирањето на конкретни проекти кои инфраструктурно и енергетски ќе ги поврзат двете земји и ќе претставуваат придонес во  заедничките напори на земјите од европскиот континент соодветно да одговорат на актуелните предизвици.

Тие воедно изразија задоволство и разменија конкретни предлози за успешно реализирање на претстојниот Бизнис форум, којшто двете земји планираат да го одржат во текот на месец декември, а кој се очекува да донесе конкретни придобивки за граѓаните од двете земји, на планот на економската соработка, се наведува во соопштението од МНР.

Прес-службата на бугарската Влада, пак, соопшти дека на средбата Донев ја истакнал потребата двете земји доследно да ја следат позитивната агенда во односите, да генерираат поволна клима и да не дозволат уривање на постигнатото.

Во соопштението се наведува дека во разговорите станало збор и за „вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија како конститутивен народ, како клучен чекор кон започнување на преговорите за членство во ЕУ“.

Донев ги истакнал и придобивките од продлабочувањето на трговските и економските односи меѓу двете земји, како и од продолжувањето на соработката во одделни области.

– Меѓу темите за кои се разговараше беше соработката во енергетската сфера и изградбата  на Коридорот 8, како стратешка европска артерија за транспорт и комуникација, се наведува во соопштението.

Според Прес-службата на бугарската Влада, Донев ја истакнал важноста што Бугарија им ја придава на реставрацијата и одржувањето на бугарските воени споменици на територијата на земјава, изразувајќи очекување за тоа да добие поддршка и од нашата Влада.