Кандидатот на ДУИ за претседателските избори Бујар Османи во интервју за „Топ ченл“ – Албанија, вели дека време е да се скршат последните табуа на етнички монополи во државата со тоа што за првпат би се избирал Албанец за шеф на државата.

„Време е Албанците да го имаат првиот албански претседател и да ги скршат последните табуа на етничките монополи во државата. Ако и овој пат се гласа само на етничка основа, тогаш навистина нема причина Албанците да учествуваат во изборните процеси за да направат алиби за изборите кои се исклучувачки“, рече Османи.
Според Османи каков и да е исходот од изборите, ДУИ ја има формулата како да се оди кон албански претседател, а тоа е преку избор во Собранието.

„Впрочем, со години зборуваме дека процесот на избор на претседател е едностран, моноетнички, исклучувачки и Албанците не се одлучувачи. Мислам дека има сериозни шанси со оваа кандидатура првиот албански претседател да биде избран на непосредни избори, ако не, тогаш единствената опција е да се направат уставни измени и претседателот да биде избран во парламентот“.
вели Османи.

Османи додава дека промената на формулата за избор на шеф на државата е еден од условите на ДУИ за постизборни сојузи.

Инаку, ДУИ и нејзиниот партиски лидер Али Ахмети во неколку наврати соопштија дека на изборите ќе се залагаат претседателот на државата да се избира во Собранието и да се воведе функцијата заменик-претседател, кој исто така ќе се избира во законодавниот дом.

Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати изјавија дека не ја прифаќаат ваквата идеја.