Египет одлучи да го затвори манастирот Света Катерина на Синај, најстариот активен христијански манастир во светот, основан од византискиот император Јустинијан пред 15 века, предизвикувајќи критики од грчката влада и црквата, објавија денес грчките медиуми.

Покрај конфискацијата на имотот, Египет планира и да ги исели монасите за да можат празните згради да се претворат во туристичка атракција, а монасите, кои веруваат дека оваа одлука ги крши нивните права, подготвуваат глобална мобилизација и информативна кампања за сите христијански цркви и други монотеистички религии.

Архиепископот Атински и на цела Грција Иероним го осуди затворањето на манастирот, велејќи дека тоа претставува „уште еден историски неуспех што го доживуваат хеленизмот и православието“.

„Недвосмислено го осудувам секој обид за промена на режимот, кој е на сила во регионот веќе 15 века, и апелирам до одговорната грчка влада и лично до премиерот Киријакос Мицотакис веднаш да преземат соодветни мерки, со цел да се воспостави нормален и законски ред и за да не се укине Светиот манастир ефикасно“, рече архиепископот Иероним.

Грчкото Министерство за надворешни работи објави дека се занимава со случајот, кој го окарактеризира како „случај од најголема важност“, објави Прототема.

Египетските власти ја донесоа оваа одлука и покрај ветувањата дадени од египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на неговата неодамнешна посета на Грција.

Египетскиот суд донесе одлука за затворањето во среда, а извори за „Грик репортер“ изјавија дека властите во Каиро вршат судски притисок и напади уште од времето кога на власт е Муслиманското братство, кое се залага за воведување на шеријатски закон, систематски обидувајќи се да го затворат најстариот манастир во светот.

Манастирот е основан од византискиот император Јустинијан пред 15 века и е под контрола на автономната Синајска црква, која е дел од пошироката Грчка православна црква, а во 2002 година стана дел од светското наследство, поради неговата единствена важност за трите главни аврамски религии – јудаизмот, христијанството и исламот