Извештаите за украински напредок во тековната контраофанзива против руските сили се „охрабрувачки“, смета американскиот министер за одбрана Лојд Остин, јави ДПА.

– Ние сега гледаме успех во Херсон, гледаме некаков успех во Харков и тоа е многу, многу охрабрувачко, изјави тој денеска за време на посетата на Прага.

Остин доби прашање зошто САД не ја снабдија Украина со проектили со дострел дури и поголем од оној на постојните ХИМАРС ракети.

– Ние остануваме посветени и се погрижуваме да им го дадеме потребното за да успеат, одговори Остин.

Во фокус на неговите разговори во Прага беше зголемена соработка во одбраната меѓу САД и Република Чешка, партнери во НАТО Алијансата.

По состанокот со чешката колешка Јана Черночова, Остин истакна дека и двете страни се заинтересирани за склучување соодветен договор „што е можно поскоро“.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен посочи дека САД сакаат да ја стават Украина во силна дипломатска преговарачка позиција среде нејзината контраофанзива против Русија.

– Во овој момент, ние не гледаме индикација од Русија дека ќе биде подготвена сериозно да води таква дипломатија. Но, доколку и кога ќе дојде тоа време, Украина треба да биде во најсилната можна позиција, истакна Блинкен во Брисел по состанок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој ги пофали украинската офанзива и територијалните придобивки на југ и на исток.