Централниот совет на Македонците во Германија најостро ги отфрла изјавите на грчкиот пратеник Андреас Ворилас во грчкиот парламент.

Како што објави Експрес, насочените напади кон македонското здружение „Илинден“ во Латцен (регион Хановер), кое е член на Централниот совет, како и кон неговото училиште по мајчин македонски јазик, претставуваат неоснована дискредитација и обид за заплашување на македонската заедница.

– Недозволиво е во 21 век, во рамките на ЕУ, сè уште да постојат политички изјави кои го негираат постоењето на еден народ, неговиот јазик и културен идентитет. Ваквите ставови не претставуваат легитимен политички дискурс, туку израз на застарени и спротивни на европските вредности политики, се вели во реакцијата.

Централниот совет истакнува дека македонскиот идентитет е жива реалност – во Германија, во Грција и ширум светот. Тој не подлежи на политичко одобрување и не може да биде оспорен преку провокации или парламентарни изјави.

– Особено остро се спротивставуваме на секој обид за дискредитација на образовната работа. Правото на нашите деца да го учат мајчиниот јазик и да го негуваат својот културен идентитет е основно човеково право и не смее да биде предмет на политички притисоци. Воедно потсетуваме дека слични обиди во минатото немаа успех пред германските судови. Германскиот правен систем ја гарантира слободата на културно изразување и не дозволува негова злоупотреба за политички цели насочени против малцинства, се вели во реакција.

Сепак, се додава натаму во реакцијата од Македонците во Германија, „овие случувања ги сфаќаме сериозно. Ваквите изјави не се насочени само кон поединечни здруженија, туку претставуваат закана за соживотот и културната разновидност во Европа.

Централниот совет на Македонците во Германија ќе продолжи решително да се спротивставува на секоја форма на негирање, дискриминација и заплашување – политички, правно и општествено.

Нашата порака е јасна, се додава во реакцијата:

– Македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Нашиот јазик, култура и наследство се наши – и ќе ги чуваме и браниме со гордост. А во Атина се уште има луѓе што бараат забрана на македонските етнички симболи во Македонија, Германија и во светот.

Ворилас е пратеник на партијата Ники и побара владата во Атина да реагира за користењето на Сонцето од Кутлеш од страна на Македонци во Германија. Тој бара од грчката влада да реагира дипломатски, бидејќи верува дека ваквите активности во Европа и Германија „го поткопуваат грчкото историско наследство и грчка Македонија како исклучиво грчка“.

Партијата Ники не признава според нив, „неоснован „македонски“ национален идентитет, јазик и симболи што припаѓаат на грчката историја“.

Извор: Експрес