Индонезискиот туристички остров Бали денеска е потполно тивок за годинашниот „Ден на тишината“. Запрени се сите летови, интернетот (освен за итните служби), а угостителските објекти се затворени, за луѓето да се посветат на медитација и самоанализа.

Поради празникот, хиндуистите на островот ќе останат  дома следниве 24 часа. Жителите од други религии и туристите исто така се замолени да ја почитуваат традицијата, па и тие да не ги напуштаат домовите и хотелите.

Забрането е и движењето на автомобили и мотори, освен при итни случаи. Светлата во домовите и улиците ќе бидат изгасени, а туристичките објекти и трговските центри ќе останат затворени.

Вчера, ден преди традиционалниот празник, на островот беше спроведен и годишниот обред за протерување демони и зли духови, проследен со масовна и шарена парада.

Во Индонезија поголем дел од населението се муслимани, но повеќе од 80 отсто од жителите на Бали се хиндуисти и ја практикуваат тамошната деноминација на таа религија.