Првиот демонстрант кој упадна во зградата на американскиот Конгрес за време на протестот на 6 јануари 2021 година во обид да го спречи изборот на Џо Бајден за претседател, е осуден на повеќе од четири години затвор.
Мајкл Спаркс (47) на судењето во март беше осуден за граѓански неред, непристојно однесување и други поврзани обвиненија, а сега, според Би-би-си, тој е осуден на 53 месеци затвор и ќе треба да плати парична казна од 2.000 долари.
При изрекувањето на пресудата, Спаркс му кажа на окружниот судија Тимоти Кели дека сè уште верува во лажните теории на заговор дека изборната победа на Доналд Трамп во 2020 година била украдена.
„Јас сум американски државјанин кој до ден-денес верува дека сме под тиранија. Жалам што се случи тој ден бидејќи тоа никому не помогна. Жалам што нашата земја е во ваква состојба“, рече тој.
Едно обвинение за попречување на правдата против Спаркс беше отфрлено по одлуката на Врховниот суд со која се ограничи употребата на законите против немирите во Капитол.
Но, по другите точки, судијата Кели му изрече построга казна на Спаркс отколку што сугерираа упатствата (помалку од две години), велејќи дека Спаркс не ги разбира целосно последиците од неговите постапки.
„Мислам дека навистина не ја цените целосната тежина на она што се случи тој ден и, искрено, целосната сериозност на она што го направивте“, рече судијата Кели.
Облечен во панцир, Спаркс влезе во Капитол преку скршен прозорец нешто по 14 часот, откако Доналд Трамп им се обрати на своите поддржувачи на митингот во Вашингтон.
First Jan 6 rioter to enter Capitol building sentenced to prison https://t.co/srTv5RLT7r
— BBC North America (@BBCNorthAmerica) August 27, 2024
Еден од полицајците кој работел на обезбедување на зградата на Конгресот пред судот сведочеше дека видел Спаркс како влегува во зградата, но дека решил да не повлече оружје и да пука.
Видео снимката од зградата на Капитол покажува дека Спаркс потоа се придружува на групата која го брка полицаецот по скалите и скандира „Ова е нашата Америка!“.
Тој ја напуштил зградата десетина минути подоцна. Беше уапсен неколку недели по немирите. Пред да отпатува за Вашингтон од својот дом во Сесилија, Кентаки, Спаркс напишал серија пораки на социјалните мрежи:
„Сакаме граѓанската војна да биде чиста“, „Време е да ги извадиме од Конгресот. Тоа е тиранија“, „Трамп ќе биде наш претседател уште четири години во името на Исус“.
Адвокатите на осудениот побараа тој да добие една година домашен притвор и изјавија дека и покрај тоа што влегол на Конгресот, тој не бил водач на нередите, туку дека настаните го повлекле. Обвинителот побарал 57 месеци затвор.
„Може да се каже дека Спаркс цел ден го разгоруваше огнот, се подготвуваше и планираше, што вклучува и носење панцир“, рече обвинителот.
Според официјалните податоци на Министерството за правда, речиси 1.500 лица се обвинети во врска со немирите на 6 јануари 2021 година. Речиси 900 од нив ја признале вината, а повеќе од 180 се осудени.
Доналд Трамп, кандидатот на Републиканската партија и поранешен претседател на САД, вети дека ќе помилува дел од осудените учесници во нередите, тврдејќи дека се „заложници и политички затвореници“.