Иџет Мемети ќе добие плата и за август. Причина за тоа е што Собранието сè уште не му ја констатирало оставката како член на Советот на јавни обвинители. Долговечниот функционер, се спогоди дека незаконски влијаел врз предмет, па доби условна казна затвор од една година и забрана да работи во следните три години.
Од Собранието потврдуваат дека не му ја констатирале оставката на Мемети. Се повикуваат на деловникот дека тоа ќе биде направено на првата наредна седница.
„Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува на денот на одржувањето на седницата“, вели членот 121 од собранискиот деловник.
Првата следна седница на Собранието е закажана за трети септември.
Претседателката на Советот, Душица Димитриеска во телефонски разговор за ТВ21 вели дека ја чекаат одлуката на Собранието, односно од кога ќе биде констатирана оставката.
Ако се погледнат последните записници на Советот, може да се види дека тој не доаѓал на седници уште од јуни.
До вчера Мемети не поднел барање за апанажа. Но и кога би го сторил тоа, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата би му го отфрлил барањето, бидејќи, според одлуката на Уставниот суд,функционерите кои биле разрешени или поднеле оставка не можат да примаат апанажа.
За разлика од Георгиев кој чека престанок на функцијата, судијата Наќе Георгиев кој беше осуден на тригодишна затворска казна, Судскиот совет го разреши од судија еден ден откако беше донесена пресудата.