Пет лица се повредени, а осум се водат за исчезнати откако експлозија срамни со земја станбена зграда во јужниот француски град Марсеј. Пожарот настанат по експлозијата и понатаму ги попречува спасувачите во потрагата по лицата заробени во урнатините.
Првата зграда во пристанишниот град во јужна Франција се урна нешто по полноќ, а втората утрото. Подоцна делумно се урна и трета зграда, а речиси 200 луѓе се евакуирани од околните објекти.
Доминик Лоренс, јавен обвинител на градот Марсеј, доцна попладнето одржа прес-конференција на која, по потсетувањето на фактите поврзани со уривањето на зградите, рече дека во моментов не е можно да се знае што довело до експлозијата, додавајќи дека ситуацијата сè уште не е стабилизирана.
Таа рече дека пожарникарите се уште работат на гаснење на пожарот што избувна по експлозијата.
„Пожарникарите со кучиња трагачи се обидуваат да најдат преживеани. Осум лица кои се наоѓале во една од урнатите згради не одговараат на телефонските повици. Бараме и едно лице од друга зграда“, рече таа.
За гаснење на пожарот биле испратени повеќе од 100 пожарникари. Пожарот гореше во поголемиот дел од денот, но вечерва, како што пренесуваат медиумите, тој е ставен под контрола.
Пожарот ја попречил потрагата по исчезнатите лица, за кои градските обвинители велат дека биле на различна возраст.
Силната топлина и прашина ги спречиле кучињата трагачи да се пробиваат низ урнатините.
Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин, кој допатува во градот, за медиумите изјави дека не знае дали исчезнатите луѓе се живи или мртви.