Осум лица загинаа во пукотницата што рано утринава се случи на железничка станица во Сан Хозе, а осомничениот за пукањето е мртов, соопштија калифорниските власти.

Само двајца пациенти биле донесени до болница, каде набрзо била констатгирана нивната смрт.

Заменик портпаролот на шерифот, Расел Дејвис, изјави дека осомничениот бил вработен во компанија која обезбедува автобуси, железници и дава други транзитни услуги низ округот Санта Клара, што е најголемиот округ во заливот.

Пукањето се случило околу шест часот утринава, во еден од железничките објекти. Објектот е центар за контрола на транзитот, во кој се чуваат возови, а има и двор за одржување.

Дејвис додаде дека не знае каков вид оружје употребил напаѓачот и дека имињата на жртвите нема да бидат објавени се додека не бидат контактирани нивните семејства. Сè уште не е познато како почина напаѓачот.

-Страшна трагедија се случи денеска, а нашите мисли се насочени кон семејствата на жртвите, кажа Глен Хендрикс, директор на Управата за транспорт во долината.