Супер богат сладолед кој нема да ги остави рамнодушни дури и оние кој не обожуваат сладолед …

Потребно е:
200 г лешници
6 жолчки
180-200 г шеќер
1,1 л полномасно млеко
2 лажици ликер од лешници или екстракт од ванила
500 мл слатка павлака, изматена
1 лимон (сок и кора)

Подготовка:
– Тостирајте ги лешниците во загреана рерна околу 5 минути. Внимавајте да не се препечат. Додека се уште топли отстранете ја лушпата на тој начин што ќе ги ставите во кујнска крпа и тријте ги со рацете. Сомелете ги во блендер, но не многу ситно.

– Убаво изматете ги жолчките со шеќерот.

– Во сад на рингла загрејте го млекото скоро до вриење, потоа тргнете го садот на страна и набрзина измешајте ја смесата со изматени жолчки и шеќер. За да не се згрутчат жолчките додавајте го топлото млеко малку по малку со постојано матење со миксер.

– Во сад со двојно дно или пак во сад на пареа варете го кремот со нежно мешање со дрвена лажица додека не се згусне.

– На крај додадете ги тостираните и измелени лешници.

– Ставете го кремот да се излади во фрижидер или пак на тој начин што ќе ја сипете во сад кој е потопен во друг сад со мраз.

– Додадете го ликерот од лешници или екстрактот од ванила, потоа додадете ја и претходно изматената слатка павлака и полека измешајте. На крај додадете ја и изренданата кора и сок од лимон.

– Смесата ставете ја во апарат за сладолед. Но ако немате таков апарат тогаш смесата сипете ја во длабок пластичен сад и ставете ја во замрзнувач и на секој 30 минути промешајте ја смесата (4-5 пати), за да не се создадат кристали од мраз.

– Количината на шеќер во рецептот може да ја менувате во зависност колку сакате да биде сладок сладоледот.