Отец Димитар АРСОВСКИ

ДА ПОВТОРИМЕ!

Нашиот народ е богобојазлив и има почит кон светителите. Но за жал таквата ревност и развиен култ кон ликот на одреден светител знае и малку да застрани од православното исповедање и поимање на верата. Кога го зборувам ова мислам на преголемиот култ кон света Параскева или кај народот познат како Света Петка. Некои на пишаното ќе се смејат (со право), ама ова е честа појава на која треба да и се стави крај.
Многу од жените (кои се номинални верници без Евхаристиско учество во Црквата) ни доаѓаат на консултации во врска со сонови на кои им се јавила светата Параскева. Имено ја сонувале како жена облечена во црно на која не и се гледа лицето, која преку сонот им пренела некоја порака која е со уценувачка содржина (тоа е воочливо во сите консултации), во стилот да се направи некоја мала црквичка, да се ископа водичка или некоја друга работа која не е својствена за нас православните, а доколку не биде направено барањето следувала страшна Божја казна и од светителката.

Дали на сонот ни се јавила навистина светителката ќе заклучиме од следните точки:

1. Секогаш се јавуваат на жени кои не се исповедаат, не постат и не се Причестуваат. Прво треба да се запрашаме дали со нашио живот сведочиме за Христос и дали сме достојни да ни се јави слетител?

2. Светителите по природа се човекољубиви и доколку прочитаме од житијата на светителите ќе видиме дека ниту еден не се однесувал со луѓето со заканувачки тон, а камо ли да уценува или да се заканува по здравјето на поединци или со смрт. Слично на Христос и светителите се молеле за сите луѓе, вклучувајќи ги и мачителите кои ги мачеле. Тоа е израз на вистинска лубов, љубов која не познава лицемерие, љубов која е искрена, а не уценувачка. Светителите иако се на Небесата, тие Го молат Него за нас, а не се искомплексирани битија кои ќе се изживуваат врз нас.

3. Светата Параскева секогаш им се јавувала oблечена во црно со скриено лице. Тука сакам да прашам како успевате да ја препознаете светатителката дека е токму таа кога лицето не можете да и го видите? Или од суеверие го сквернавете ликот на светителката? Темнината не е нешто по што го препознаваме Бога, туку неговиот противник.

4. Дали знаете дека постојат три светителки кои се викаат Параскева, кои живееле на три различни места во три различни временски периоди?
По кој знае кој пат повикуваме на здраворазмуност и рационалност, а пред се на здрава духовност. Знаеме да се налутиме кога не исмеваат, а токму ние им даваме повод за тоа. Токму затоа ликот на светителката (читај светителките) го злоупотребуваат бајачите и гатачите за да Ве заплашат, а со самото тоа ве омаловажуваат Вас како личности и преку Вас со Ваше посредство го омаловажувате Бога.
Одете во недела и на празници во храмовите на Литургија, едуцирајте се пред се за Ваша духовна корист за да не бидете предмет на исмевање со Вашето извитоперено сведоштво на Православната вера.

На многаја лета прзникот!