Презвитер Ивица ТОДОРОВ
ВИЗИЈА – ИНИЦИЈАТИВА – ДВИЖЕЊЕ – ЖИВОТ
—
текстот е посветен на 15 години „ДОДОМА“ – Движење за организирана духовна обнова на Македонија
—
Да имаш ВИЗИЈА,
тоа значи дека во твојата духовно разбудена личност има вера и љубовно животодавно единство со вечниот наш Отец небесен преку неговиот Син во Светиот Дух и во новозаветниот народ Божји – Црквата.
Да имаш ВИЗИЈА,
тоа значи дека стануваш свесен за Божјата промисла, за Божјиот осмислувачки план за тебе и твојот живот во овој свет. Во себе чувствуваш како дејствува дарот на Светиот Дух за да ја оствариш визијата и да го исполниш со живот Божјиот призив кој ти дава сила во срцето и сигурност и смисла во умот.
Да имаш ВИЗИЈА,
тоа значи дека во себе го чувствуваш љубовниот допир на вистината за Царството Божје. Во твојата личност се шири искуството за вечното совршено постоење во добро, полнота, хармонија, творештво, единство. А тоа ти дава мотив да преземеш иницијатива во овој од Бога отпаднат, но и преку Христос спасен свет.
Кога ја започнуваш ИНИЦИЈАТИВАТА се чувствуваш жив и тој живот сакаш да го пренесеш на другите. Внатрешното сознание те опоменува дека не треба да бидеш нем сведок додека гледаш како пред тебе се случува историја насочена кон зло. Додека гледаш како некои се обединуваат за да шират зло знај дека и ти ќе бидеш виновен за злото ако не се спротиставиш во единство со оние кои сакаат да шират добро во љубов, вистина и служење.
Кога имаш визија и иницијатива започнува ДВИЖЕЊЕ!
Го чувствуваш благословот Божји и разбираш дека не си случаен производ на апсурдот нити исплашено умислено човече заробено од стравот, мрзеливоста и илузијата на површното секојдневие.
Започнуваш да учествуваш во создавањето на историјата насочена кон добро. Така започнува да се шири и одржува животот, а ти си животопреносител во слава и благодарност на вечниот Животодарител.
15 години Движење ДОДОМА!