Отец Ивица ТОДОРОВ
Ако Светото Писмо е толку значајна книга, кој е неговиот автор?
Интересно е да се напомене дека Светото Писмо не е една книга, туку е зборник од повеќе свети книги, запишувани низ долг временски период, од 1480 година пред Христос до 98 година по Христос, и тоа од повеќе автори. Но, кога се читаат светите книги, како од Стариот, така и од Новиот Завет, се забележува дека сета содржина е вдахновена и водена од еден Извор. Тој, еден Извор низ светите книги ни открива свој план кој се спроведува низ вековите. Односно, Тој има една и единствена цел и спасителна порака до целото човештво, а тоа е спасение и ослободување на човештвото од сатанското ропство, од злото, гревот, духовната и телесната смрт преку откупителната крсна жртва на Месијата (Христос), преку Неговото воскресение од мртвите, преку испраќањето на Светиот Дух и преку формирањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата.
Сето горенаведено го овозможува повикот до целото човештво за негово воведување во полнотата на совршениот и вечен начин на постоење, постоење во Царството Божјо!
„Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.“
(пророштво за Месијата од пророкот Исаија. 53. 1 – 12; ова пророштво е запишано 740 години пред доаѓањето на Спасителот)
„Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог (нашиот Небесен Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (своето совечно Слово/ Логос/ Син Единороден), та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.“
(зборови на Месијата запишани во Евангелието според апостол Јован. 3, 13 – 21)
Тој еден Извор, на се што е запишано од запишувачите на светите книги, во самите свети книги ни се разоткри како Единствен Творец на се‘ што постои, во сите димензии на постоењето.
Тој Творец, постепено низ историјата на отпаднатото од Него човештво од Елохим (Бог) кој само беше насетуван преку неговите дејствија од еврејскиот, па и од другите народи, се откри како YHWH/ ЈАХВЕ како Вечно постоечко битие, за во Новиот Завет, Тој истиот да ни се разоткрие во полнота како наш Небесен Отец Кој има свое совечно Слово/Логос, односно, Единороден Син и совечен Дух Свети. Неговиот Единороден Син, Неговото Слово/ Логос кој преку Светиот Дух и пречистата девојка Марија (Богородица) ја прими човечката природа – стана наш Месија, Спасител, Ослободител од состојбата на отпаднатост. Па затоа Месијата, за време на својата спасителна мисија во овој свет на насобраните околу него претставници на старозаветниот народ Божји – евреите, им ја кажа оваа темелна вистина и смисла на сета содржина на светите книги:
„Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен, а токму тие сведочат за Мене!“ (Јован. 5, 39)
ваш во Хрста, брат и слуга, о. Ивица Т.