Отец Ивица ТОДОРОВ
Веќе над двеилјади години СВЕТЛИНАТА – за живот во СВЕТЛИНА – го повикува секое човечко битие (Јован. 3, 16 – 21) без при тоа да му ја нарушува слободата тоа да избере СЛОБОДНО.
Веќе над двеилјади години оние што ја прифатија СВЕТЛИНАТА станаа свети, и во себе ја остварија онаа состојба на постоење за која не’ повикува единствениот Свет, Изворот на светоста, нашиот небесен Отец.
Но, веќе над двеилјади години многумина се мачат барајќи компромис помеѓу Светлината и Темнината! Многумина се мачат да му угодат и на Бога и Неговиот Месија, но и на интересите, страстите, заблудите и суетните игри на отпадниатиот свет – претварајќи си го и својот и животот на своите ближни во кошмар – затоа што не разбраа дека Светлината/
Вистината нема ништо заедничко со Темнината/ Лагата.
Светлината, Месијата, Синот на живиот Бог, Словото Божјо во овој свет не дојде, не се роди, за во него да формира уште една од многуте религии или филозофско – идеолошки правци.
Не дојде ни да ни даде некаква утеха во бесмисленоста, лажна надеж во изгубеноста. . . Не, Тој дојде, се роди, живееше, сведочеше, беше распнат и смрт телесна вкуси, воскресна и повторно животот го поврати, се вознесе кај својот вечен Отец, го испрати Духот на Светоста да биде Патеводител на Неговите ученици (Црква) и повторно ќе дојде на крајот на времето на овој свет како Судија на сето човештво, и на живите и мртвите – и сето тоа ТОЈ го направи, прави и ќе го прави затоа што е ЉУБОВ и ЖИВОТ и затоа што не сака никој да се загуби и да загине – туку сите да се спасат и стекнат вечно постоење во Владеењето (Царството) на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Ваш брат и слуга, о. Ивица Т.