Досегашниот директор на АД „Македонска пошта“, државна компанија која ќе биде продадена зашто работи со загуба, Ејуп Рустеми, ќе биде нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта.
Информацијата денеска ја потврди премиерот Зоран Заев.
Рустеми е кадар на ДУИ, а покрај директор на „Пошта“, во два мандата (во 2002 и во 2014) беше избран и за пратеник во Собранието.
Заев со потврдата дека тој ќе раководи со Државни патишта, најави и дека од денеска почнува назначувањето на директорите на институциите кои се под надлежност на Владата.
„Дел од одлуките ќе бидат донесени денеска. За дел ќе бидат донесени одлуки за распишување конкурс бидејќи има институции кои своите раководни места ги избираат на конкурс. Има и дел од одлуки со кои ќе се дадат јасни упатства на управни и надзорни одбори поставени од Владата за политичко постапување на раководни места“,
изјави Заев.
Тој смета дека процесот на назначување на функционерите од третиот ешалон ќе заврши за 10-15 дена, освен за оние места каде што раководните лица се избираат на конкурс.