Институтот за јавно здравје преку отворање на Центар за откажување од пушење цигари ќе се бори против преголемата употреба на никотин во земјата. На телефонската линија којашто е отворена стручни лица ќе нудат совети и стратегии за успешно одвикнување од цигари. Квалификувани стручни лица ќе нудат персонализирани совети и стратегии за успешно ослободување од пушењето.

Телефонскиот број 078 285 873 ќе биде достапен секој понеделник и среда од 11 до 13 часот.

Ваквите чекори следат по истражувањата изминатите години кои покажаа дека употребата на тутун во Македонија е многу висока. Процентуалната застапеност на население кое употребува тутун ја става земјата меѓу оние во светот со најголеми стапки на активни пушачи. Според истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на активни пушачи во земјата изнесува 45.4 отсто, а само 5 проценти успеале да се откажат од цигарите последниве години.

Во просек еден активен пушач консумира до 18 цигари дневно, додека најголемиот дел консумираат по 20-тина цигари, односно една кутија цигари дневно. Најчесто тие што консумираат повеќе цигари, се од машки пол, имаат пониска перцепција за ризикот од пушењето, имаат висока желба и нагон за пушење, имаат пристап кон пушење на повеќе локации.

Волјата за откажување од пушење во Македонија е доста ниска, а слаба е и посетеноста на советувалиштата за откажување од пушење во рамките на десетте Центри за јавно здравје. Во советувалиштата за откажување од пушење, кои функционираат во рамките на Центрите за јавно здравје низ целата држава, во 2023 година се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка.

Истражувањата на ИЈЗ покажуваат дека голем број од активните пушачи (72,2%) имале само еден обид за откажување, додека многу мал број имале по повеќе обиди. Седум од 10 пушачи воопшто не ни имале сериозен обид за откажување од пушење во последните 12 месеци. Пушачите пробувале да се откажат со употреба на никотински лепенки, електронски цигари, со посета на страници и апликации за откажување од пушење. Луѓето имаат поголема веројатност да се обидат да се откажат од пушење ако се повисоко образовани, ако имаат разговарано со некој здравствен работник за откажување од пушење во последните 12 месеци, покажуваат студиите на Институтот за јавно здравје.

„Состојбата со употребата на тутунските производи воМакедонија е на многу лошо ниво. Бројните недостатоци во законската легислатива, но и во неспроведувањето и не вршењето контрола за спроведување на одредени закони, резултира со многу широко распространета употреба на тутунските производи. Исто така недоволната поддршка на здравствените работници и на советувалиштата за откажување од пушење, недоволниот број на кадар, недостатокот од обуки и буџет насочен за превенција и откажување од употреба на тутунски производи, се само дел од причините поради кои има и незадоволство од граѓаните, но и од здравствените работници кои работат на ова поле“, се наведува во Студијата на ИЈЗ за употреба на тутун објавена во 2023 година.  

Во неа беше посочено дека и покрај бројните напори на експертите против пушење за унапредување на законската легислатива поврзана со употребата на тутунот, всушност постои и регрес на ова поле, со проширување на листата на јавни места каде може слободно да се пуши, а и дополнително со дозвола за користење на уредите што го загреваат тутунот (HTTP) дури и во затворени простории. Цените на тутунските производи во земјата се едни од најниските во регионот, што ги прави овие производи подостапни за општата популација.

Употребата на тутун сериозно го нарушува здравјето на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања може да се јават како последица од редовна употреба на тутун. За да се спречи можноста од срцев удар, важен е здравиот начин на живот.

Околу 1.1 милијарда луѓе низ целиот свет пушат и бројот на пушачи продолжува да расте. Меѓу пушачите, 84% живеат во земјите во развој и земјите во економска транзиција. Моментално, 5 милиони луѓе годишно умираат заради пушење, втора водечка причина за смртност на светско ниво, и се со поголем ризик за срцеви заболувања, мозочни удари, емфизем и многу други фатални и нефатални заболувања. Доколку тутунот се џвака, постои ризик од појава на карцином на усните, јазикот и устата. 

Децата се изложени на особен ризик од пушењето на возрасните. Штетните ефекти по здравјето вклучуваат појава на  пневмонија, бронхитис, кашлање и отежнато дишење, влошување на постојната астма, заболувања на средното уво и  веројатно невробихевиорални нарушувања и кардиоваскуларни заболувања во зрелата возраст. Многу истражувања  покажуваат дека пушењето на родителите е асоцирано со зголемено пушење кај младите.