Градинарите се делумно задоволни од договорените цени на доматот од најмалку 30 денари за црвениот и 35 денари за розовиот бидејќи овие цени ќе траат само неколку дена (до понеделник). Тие очекуваат да се воведе практика на утврдување на откупната цена за цела сезона и таа да не биде пониска од производната и пресметан одреден приход за да можат да размислуваат за следната сезона. Дополнително, тие очекуваат во овој период да се почитува практиката на објавување на дневните цени за откуп како и обврската откупните цени да важат 7 дена.
Вчера дополнителниот заменик министер за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ги објави договорените цени на откуп на доматите кои ќе важат до понеделник и рече дека треба да се има предвид реалната состојба со производството кое годинава е повисоко од ланското.
– Она за што разговаравме денеска е да ја воочиме реалната ситуација со откупот на доматот од реколта 2024 година, каде што имаме зголемено производство во одреден сегмент, но се договоривме со откупувачите дека во наредните денови откупната цена на црвениот домат нема да падне под 30 денари за килограм, додека откупната цена на розовиот домат нема да падне под 35 денари за килограм – изјави Трипуновски.
Земјоделците се задоволни од постигнатата цена, но негодуваат што секоја година треба да протестираат за да издејствуваат некаква усогласена цена за својот производ и кога ќе се договори одредена цена таа се применува само неколку дена, а потоа трговците си тераат по старо.
– Во основа производителите на домат се задоволни со договорената цена, но како градинари очекуваме да се утврди најниската откупна цена која ќе важи во една сезона. Тоа ќе овозможи предвидливост на производството и приходот кој ќе го остваруваат земјоделците од производството, во услови на редовно зголемени трошоци. Вчера е договорена цена за до понеделник, а што ќе се случува по понеделник, која ќе биде цената за доматите? Затоа ние бараме трајно решение за откупните цени кое ќе се договара и донесе заедно со земјоделците. На ваков начин ќе се обезбеди земјоделците да не прават осцилации во производството – една година да садат многу, а другата малку. Тоа беше случај годинава кај зелката која остана на нивите бидејќи не се исплати да се плаќаат аргати да ја соберат и да се продаде за ниска цена – вели Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци.
Според него, производството на домати годинава е зголемено за 20 до 30%, во однос на лани кога земјава имаше најголемо намалување на производството.
– Тоа значи дека годинава имаме релативно мало зголемување на производството што е добро, но земјоделецот сè уште е во неизвесност дали тоа што ќе го произведе ќе го пласира по исплатлива цена – вели тој.
Градинарите кои едвај успеаја да договорат речиси една недела да го продаваат доматот по договорена откупна цена се загрижени дека по понеделник цената повторно ќе падне на ниво под производната цена која годинава според нивните пресметки е 25 денари. Тие очекуваат да се почитува договорот на неделна цена и дневно истакнување на откупната цена.
Дел од градинарите се загрижени што ќе се случува и со цената на индустрискиот домат и индустриската пиперка кои традиционално ги откупуваат преработувачите. Тие предлагаат уште сега да почнат разговорите со компаниите преработувачи со посредство на Министерството за земјоделство.
– Со протести издејствувавме некаква цена на доматот за свежа консумација, но што нѐ очекува малку подоцна летово кога ќе почнат компаниите преработувачи да ги откупуваат индустриските сорти на домати и пипер? Тогаш ќе треба пак да протестираме за да добиеме економска цена? Мислам дека е време уште сега да почнат преговори за цената. Можеби новиот состав на Министерството за земјоделство ќе направи напор конечно да се седне и да се направат правила на утврдување на откупните цени со што ќе помогне да нема протести и фрлање на производите – вели градинар од Струмичко.
Производството на домати во земјава секоја година се намалува. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, производството на домати е намалено за 23%, а на краставиците за 34,3%. Лани е зголемено производството на пиперки за 4,1%.
Тоа според земјоделците е резултат на немањето стратегија, поради високите трошоци, ниската цена, немањето доволно работна сила и зголемениот увоз на градинарски култури кој станува алармантен.